Заев: Подготовен сум да ја сносам политичката цена, вреди за Македонија!

by fokus

Историскиот контекст е целосно сочуван, а правото на самоопределување е признаено од Грција. Подготвен сум да ја сносам политичката цена, но тоа е вредно за Македонија. Длабоко сум убеден дека осигуруваме иднина за генерациите кои доаѓаат, им порача премиерот Зоран Заев на пратениците на денешната дебата по нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија.

Во репликите на пратениците по вториот нацрт-амандман за кој се расправа на собраниската Комисија за уставни прашања, премиерот Заев истакна дека нема да има друг и подобар договор и оти двете страни добиваат од договорот.

– Веројатно историскиот момент и можноста од грчка страна да има соговорник ги поклопија коцките да се донесе одлуката. И тука според мене е моментот кога го прекршувате личниот и партискиот интерес во однос на државните интереси, истакна Заев.

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ предложи во Преамбулата на Уставот да бидат внесени уште три документи и тоа Уставот на Република Македонија од 1991 година, како и востаничкиот устав од Кресенското востание и првиот устав на ТМОРО.

Алијансата за Албанците и движењето „Беса“ и денеска повторија дека отворањето на уставните измени е добар момент да се разговара за сите отворени прашања и предложија Македонија во Преамлбулата да се дефинира како мултиетничка држава.

–  За жал, првата реченица од Преамбулата дава лош сигнал. Јас не сум граѓанин кој живее во Република Македонија. Јас сум Албанец кој живее и ќе живее во иднина и верувам дека вака е за сите други народи. Наш предлог е во Уставот да се избрише делот каде пишува „граѓаните кои живеат во нејзините граници“ и по македонскиот народ да се додаде формулацијата „албански народ, влашки народ, српски народ, бошњачки народ“…… Со ова Македонија ќе биде поправедна и ќе ги застапува подеднаво сите граѓани, рече Зијадин Села од Алијанса за Албанците.

На ова реплицираше премиерот Заев кој истакна дека може да се разговара за квалитетот на постигнување на еднаквоста, но оти комплетната еднаквост во делот на формулацијата не е до крај оправдана затоа што постојат национални држави како Албанија, Босна и Херцеговина, Србија….

– Да се избрише делот од реченицата „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници“, оди во друга крајност. Мораме да признаеме дека постојат национални држави како Албанија, Србија, Турција, Босна и Херцеговина, а ова е Република Македонија која со уставните измени ќе биде Република Северна Македонија, појасни Заев.

Поврзани новости