Граѓаните на нашата земја и на нашиот пријател Грција, може да бидат горди денес, тоа е генерацијата што стави крај на една епизода на неизвесен мир на Балканот, вели македонскиот премиер Зоран Заев на почетокот од изјавата за грчката новинска агенција АНА-МПА.
Тој вели дека сите граѓани се победници, па дури и оние кои беа против договорот, му се заблагодарува на неговиот пријател Алексис Ципрас за гласањето во Парламентот, потенцира дека решиле спор што изгледал невозможен да се реши и порачува дека сега, двата народи имаат потврдено и длабоко пријателство, јави дописничката на МИА од Атина.
– Со прифаќањето и спроведувањето на Договорот од Преспа, победници се сите граѓани и од двете земји, но исто така и граѓаните од целиот регион. Победници се, исто така и оние кои беа против договорот, бидејќи и за нив исто така доаѓа нова ера на просперитет, мир и пријателство, како и за прогресивните граѓани од двете земји. Смелите граѓани одбраа да ги отфрлат сенките на минатото и на светот да му дадат нов Балкан на можности и на политичка стабилност, регион на блиски соседи и пријателство на економски развој и модел на интеграција – вели Заев за АНА-МПА.
Македонскиот премиер „со гордост и благодарност“, му честита на неговиот пријател, Алексис Ципрас за гласањето во грчкиот Парламент, а неговата благодарност е и до сите оние смели пратеници и пратенички и во двете земји кои „со нивниот глас ставија крај на стравовите кои се претставуваа како несовладливи“.
– Решивме спор кој се претставуваше како невозможен да се реши. Јас и мојот пријател, премиерот Ципрас, лани летото стигнавме до договор. Заедно со нашите тимови предводени од министрите за надворешни работи, стигнавме до момент на разоткривање: секоја страна треба да даде нешто за да добие многу, многу повеќе за возврат. Од сега па натаму имаме потврдено и длабоко пријателство. Почнувајќи од денес, одиме напред со поголема сила за да ги обединиме граѓаните на двете земји, порачува премиерот – пренесе МИА.
Зоран Заев во ексклузивната изјава за грчката новинска агенција потенцира дека иднината ќе биде заеднички пат „со пријателски намери и вредности кои произлегуваат од нашето европско семејство“.
– Да живее нашето пријателство и нашата стратешка соработка – вели Заев на крајот од неговата изјава.