Премиерот Зоран Заев денеска присуствуваше на Конференција за квалитетно образование за раст, резултати и подобра иднина, во организација на УНИЦЕФ, каде што истакна дека треба да се направат многу промени во образовниот процес.
– Многу од работите што треба да се променат се однесуваат на мотивација на наставниците и учениците, на креативност во работата и учењето, на иницијативност, на инклузивност, на следење современи трендови во наставата и користење современи методи. Затоа со буџетот за 2018 година, обезбедени се дополнителни средства, со што ќе се реализира најавеното зголемување на платите во висина од 5% во основните и средните училишта, а предвидени се и нови вработувања според реалните потреби. Исто така, планираме да го намалиме бројот на предмети во училиштата. Учениците да можат да ги стекнуваат знаењата главно на училиште, за да имаат повеќе слободно време дома. Така ќе ги ослободиме од психолошките притисоци на обврска за постојано механичко седење над книгите, што знаеме дека не дава резултати – истакна Заев.