И кога веќе сите партии демонстрираат одлучност за членство на Северна Македонија во ЕУ, време е за нов македонски успех. Во тоа име повикувам на одговорност и на постапки со кои ќе ги обезбедиме сите услови и ќе го искористиме поволниот геополитички момент за наше членство во Унијата најдоцна до 2030 година.
Со ваква порака на Фејсбук по повод пет години од референдумот за Преспанскиот договор се обрати поранешниот премиер Зоран Заев кој нагласи дека 610.000 граѓани гласаа ЗА на референдумот и ја поддржаа каузата “Излези ЗА европска Македонија” што е најголемата поддршка дадена при непосредно гласање после независноста.
-Иако опозицијата го бојкотираше референдумот, граѓаните од мнозинскиот демократски блок излеговме масовно, гласавме и потоа заедно со нашите сојузници успеавме да ја внесеме земјата во НАТО, а денес веќе сме во почетната фаза од преговорите со ЕУ. Во меѓувреме, односите со Грција доживеа историски пресврт и денес на наша страна имаме уште еден сосед, силен сојузник од редовите на ЕУ и НАТО.
Пет години после референдумот за нашиот историски исчекор напред, исправени сме пред нови комплексни предизвици. Нашата влада успеа да најде компромисно решение со Бугарија претставено во европскиот предлог и во нашата преговарачка рамка, а дел од тоа решение содржи и наши обврски за кои е неопходен натпартиски мнозински договор, порача Заев.