Премиерот Зоран Заев вели дека секогаш кога ќе затаи Европа, кога не го испорачува тоа што го ветила, се појавуваат националистички, етноцентристички проекти на Балканот и дека тоа било и во минатото така и сега.
-Јас тврдам дека децата на многу луѓе што загинаа во војните на Балканите сега се возрасни, интелектуалци и тие ја носат својата загуба внатре и сметам дека мнозинството од нив гледаат кон иднината, кон заедништвото, кон соработката. Не ни требаат нови непријателства, национализми или етноцентризми. Наспроти нон пејперите кои поттикнуваат такви визии, јас верувам дека можеме да го направиме заеднички Балканот заедница каква што е денеска мултиетничка Северна Македонија. Во еден период заедно сите ќе влеземе во ЕУ. Ние имаме што да ѝ дадеме на ЕУ и јас многу верувам во тоа, порачува Заев во интервју за „Танјуг“.
Според него, радикалните национализми во Северна Македонија, кои порано ги имаше многу, сега исчезнуваат. Партии кои се залагаат за Илирида не можат да добијат ни претседател на месен одбор, а не советник или градоначалник на избори, вели Заев.
-Немаат поддршка ваквите проекти затоа што денес нема непријателство помеѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други во земјата. Ние сме пример на соживот и верувам дека на ова, како на модел, ќе се гледа со сѐ поголемо одобрување, вели Заев.