Заев: Ова е за мене историја затоа тоа што нашиот јазик ќе го имате во библиотеките во Варшава, Виена, Берлин!

by Fokus

Пријатели сме со петте соседи, целиот демократски свет ни е пријател, половина од нив веќе ја посетија Република Северна Македонија во изминатите две и пол години, дојдоа сите лидери, дојде и папата. Сите дојдоа да го охрабрат овој мултиетнички народ дека е на вистинскиот пат и дека така треба да продолжи.

Ова во интервју за МИА го изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, одговарајќи на прашањето за односите на земјава со нејзините соседи и дали очекува од некои од нив нови блокади во претстојниот период.

-Нема веќе рампи. Договорите се постигнати, имплементацијата на договорите е во тек и се заглави на четвртото поглавје Гоце Делчев. Како што ги решивме претходните три историски поглавја со шест историски личности, верувам дека и понатаму ќе ги решаваме на добробит и среќа на двете страни. Имаме Договор за добрососедство и споделувањето на таа заедничка историја. Треба да градиме пријателство, да бидеме уште поблиски повеќе да соработуваме, тоа да донесе и економски и каков било бенефит и на Македонците и Бугарите, од двете страни заради тоа што тоа е духот на Договорот, вели тој.

Заев, чија партија на овие предвремени парламентарни избори ја предводи коалицијата „Можеме“ вели дека во следниот мандат ќе бидат мошне растеретени, отворени се сите фронтови и фокусот треба да биде на агендата дома на економија, подигнување на животниот стандард, реформи во правосудството, образованието, здравството, социјалната политика, културата, земјоделството.

Во однос на евроинтегрирањето на земјава нагласува дека со утврдувањето и враќањето на преговарачката рамка од страна на ЕК е јасно дека преводот на сите поглавја и на европското законодавство ќе биде на македонски јазик. Тоа е, додава тој уште една потврда од ЕК и од сите земји членки на ЕУ за македонскиот јазик, но и почеток на официјализирање на македонскиот јазик, како еден од службените јазици на ЕУ со нашето полноправно членство.

-Ова е за мене историја заради тоа што нашиот јазик ќе го имате во библиотеките во Варшава, Виена, Берлин, Париз, Рим, насекаде ќе се изучува, унапредува и афирмира и тоа е една голема вредност, истакнува Заев.

Поврзани новости