„Ако се грижите за сопствената македонска земја, ако си го сакате својот народ, ако верувате во европскиот пат на Македонија, ако не сте подготвени да се предадете и откажете од иднината, СДСМ и коалицијата за европска иднина се единствениот избор, бројот 1 е секогаш пред сите, како што е ЕДЕН и единствен нашиот завет за татковината“ порача во видео обраќање екс премиерот и претседател на СДСМ – Зоран Заев.
Поранешниот премиер потсети на реализираното во последните седум години и побара поддршка за актуелниот претседател на СДСМ Димитар Ковачевски и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.
„Пред седум години донесовме слобода. Ја спасивме заробената Македонија од канџите на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ. Успеавме да ги обновиме и нормализираме односите со сите наши соседи. Станавме членка на НАТО со што долгогодишниот македонски сон стана јаве. По цели 11 години повторно ја вративме Северна Македонија на европскиот пат. Меѓуетничките односи ги направивме да бидат пример во регионот и пошироко. Со политиките на пријателство ја добивме и афтокефалноста на МПЦ. По сите основи, од целиот свет , го добивме признавањето на македонскиот јазик и македонскиот народ. Мојот СДСМ, носителите и кандидатите на листите за пратеници, а секако и Претседателот Пендаровски ја заслужуваат сета моја, но и сета Ваша поддршка“ порача Заев.
„Горд сум што другарот Димитар Ковачевски и раководството на СДСМ покажаа храброст и лидерство, носеа тешки одлуки за да продолжиме со нашата европска интеграција. После пандемијата, тоа беа две години на глобална економска и енергетска криза, на војни во Украина и Газа, но и на едно чудо вмровски блокади во парламентот. Од таквите блокади, од јаловата доминација на ВМРО ДПМНЕ по општините, но и од нивните технички мандати во Владата, веќе го гледаме назадувањето на европските вредности кај нас“ вели Заев.
Заев побара поддршка за Ковачевски и за претседателскиот кандидат Стево Пендаровски додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ не може да ја направи Македонија горда
„Немаме ние нови години за губење од оние кои божем Македонија ќе ја направеле ГОРДА, а истите тие цели 11 години ја правеа ГРДА. Мојот СДСМ, носителите и кандидатите на листите за пратеници, а секако и Претседателот Пендаровски ја заслужуваат сета моја, но и сета Ваша поддршка. Тие непоколебливо, силно и грижливо се решени да го држат правецот на татковината кон ЕУ, бидејќи тоа е единствениот пат за подобра економија, поголема правичност и солидарност, патот кој гарантира подобар економски стандард за сите наши граѓани“ рече Заев.