Претседателот на СДСМ Зоран Заев вечерва на својот официјален фејсбук профил напиша дека резултатот од неговиот извршен тест за КОВИД-19 е негативен.
– Согласно утврдените протоколи останувам во самоизолација онолку колку што е потребно. Им благодарам на граѓаните, на сите, за поддршката што денеска стигнуваше од целата држава, но и од странство. На уредникот на Канал 5 Гоце Михајлоски му посакувам брзо закрепнување, нему и на неговото семејство, напиша Заев.
Лидерот на СДСМ упати силна поддршка до новинарите и медиумските работници кои во овој период, како што напиша, се изложени на ризик вршејќи ја својата работа за навремено и точно информирање на јавноста, што е од огромно значење.
– Граѓаните, сите ние мора да ги почитуваме мерките и задолженијата. Да седиме дома, да ја зголемиме личната хигиена и да ги намалиме физичките контакти. Само така оваа закана ќе ја пребродиме и полесно и побрзо. Зависи од сите нас. Чувајте се и следете ги препораките, пишува Заев на Фејсбук.