Заев оптимист, за Дескоска се е можно во преговорите за СЈО

by fokus

Премиерот Зоран Заев денеска изрази оптимизам дека е можно деновиве пред објавување на извештајот од ЕК да се дојде до решение за статусот на СЈО, во рамки на предлог законот за Јавното обвинителство. Според министерката за правда Рената Дескоска, која информира дека се уште нема закажано нова средба, многу работи во нашата држава се решавале во последен момент така што, потенцира, се е можно.

– Мислам дека можеме овие денови пред објавување на извештајот на 29 мај да го заокружиме овој процес и двете условно кажано страни  во преговарачкиот процес да објават дека е постигнат договор, изјави Заев по денешната дебата за нацрт текстот на Националната стратегија за развој на коцептот за едно општество и мултикултурализам.

Додаде дека знае оти во одредени моменти има приближувања, па, како што рече, за некои детали ќе застанат, но процесот, оцени, се движи кон успешно завршување

– Тоа е важно заради тоа што и самиот извештај ќе биде позитивен, но не би требало да оставиме како држава каков било аргумент на Економскиот совет, кој е претставен од земјите членки. Да не дозволиме да имаме каква било дамка или причина за кој било и било што да одоговлекува, порача претседателот на Владата.

Министерката Дескоска изрази надеж дека ќе успеат да изградат консензус со почитување на принципите кои се зададени од ЕУ, а се многу битни за градење на владеење на право во нашата држава.

Таа верува дека веќе созрева свеста кај сите политички партии дека она што значи барање за амнестија не смее и не може да помине.

– Нашето инсистирање  да бидат застапени сите принципи на владеење на право, а тоа значи да нема никаква можност за скриена амнестија е принциипот од кој не смееме и не можеме да отстапиме бидејќи закон што ќе содржи квалитетни решеније соодветни на стандардите на ЕУ, е закон што ќе биде позитивно оценет, истакна Дескоска по дебатата за нацрт текстот на Националната стратегија за развој на коцептот за едно општество и мултикултурализам.

Одговарајќи на новинарско прашање за истрагите кои ги води СЈО, Дескоска информира дека се разговара околу користење на постојната законска рамка, решенијата кои се во сегашниот закон за СЈО, во сегашниот закан за кривична постапка и решенија кои произлегуваат од праксата.

– Ние имаме веќе судски случаи во кои има користење на прислушувани или снимени материјали, кои се  користени во други предмети кои не се поврзани со СЈО и тоа е во согласност со други закони. Тука се водат тие дебати, појасни таа, додавајќи оти можни се решенија во кои реално судиите се тие што ќе ги решат прашањата околу истраги, докази, околу се, подвлече, согласно Законот за кривична постпка.

Премиерот Заев информира дека за сите детали на законот во кој е инкорпориран и СЈО имало средба и со Зијадин Села и со Биљаљ Хасами.

– Тоа не е условено со судски процеси. Никој и не го бара реално заради тоа што тоа не е под владата, ниту под парламентот. Можеби преку тоа сакале да испратат порака до правосудниот систем за одредени барања за правичност или слично. Верувам  дека како што стига по многу процеси и предмети правдата, така и по овие предмети кои албанската опозиција ги зборува ќе се дочека правда транспарентна и јасна за сите, изјави Заев.

Поврзани новости