Сите сме качени на кајчето и треба да извесламе колку што може побрзо до ЕУ. Брзината во веслањето зависи од двете весла, десното и левото весло, оние што бојкотираат не оставија со едно весло, но и со едно весло може, по бавно ама целта ќе ја стигнеме. Кога ќе ја стигнеме ќе земеме глисер и тогаш ќе ги земеме сите, бидејќи се бориме за сите во Македонија, порача вечерва пред стружани премиерот Зоран Заев.
На трибината во Струга, во градот, кој, како што рече, е пример за единство, сплотеност и меѓусебно разбирање, Заев повика да се искористи историската шанса да се излезе на референдумот на 30 септември и да гласа „ЗА“ евроатланска интеграција на земјата.
– Разбирам некој да излезе и да гласа против, но да седи дома и да бојкотира неможам да разберам. Тоа е најподмолниот начин да ја закочите државата, својата држава. Можеме да излеземе да гласаме „за“ или „против“, но да бојкотираме тоа е да се биде противник на државата, рече Заев повикувајќи ги стружани да излезат на 30 септември и да кажат „да“ за европска Македонија.
Ова, како што нагласи, не е меѓу партии, не е за Заев и за Мицовски или за оние што бојкотираат.
– Ова е прашање зад кое треба да застанеме сите граѓани без разлика на етничка, верска, кутлуролошка или било какква определба. Ова е наша заедничка татковина и обврска е на сите да ја обезбедиме иднината на нашите деца. Шансата на Македонија и е во дландката, треба само да ја зграпчи. Нашето место е во ЕУ и НАТО и друга алтернатива за тоа не постои, подвлече Заев.