Заев: Охридскиот регион е наш, нема попуштање за дивоградбите

by fokus

Охридскиот регион е наше, но и европско и светско богатство, секој мора да постапува во делот на своите ингеренции во грижата за него. Тече рокот за самоиницијативното уривање на дивоградбите што беше даден како можност, следен чекор е нивно остранување. Тука нема попуштање. Денеска стартувавме и со санацијата на Колекторскиот систем, определени се и средства за тоа. Работата ќе ја заокружиме со трајно решавање на системот, а потоа веднаш продолжува и чистењето на секундарната канализациска мрежа во должина од повеќе од 300 километри. Сето што го правиме ќе биде попусто доколку не ги отстраниме дивоградбите, ако не го донесеме Планот за управување со Охридскиот регион. Тоа денеска го истакна претседателот на Владата, Зоран Заев кој престојуваше во работна посета на Охрид, каде го означи почетокот на санацијата на Колекторот за заштита на Охридското Езеро.

Заев рече дека тоа мора да се направи не само заради зачувување на статусот на регионот во УНЕСКО туку, како што рече, заради нас самите. Тој уште истакна дека договорил и средба со градоначалниците на Охрид, Струга и Дебрца токму заради односното прашање околу зачувување на статусот во УНЕСКО.

Што се однесува на списокот дивоградби во Струга, премиерот Заев појасни дека државата го има и тоа преку редовните годишни извештаи на Министерството за транспорт и врски, како заради увид така и заради второстепени постапки.

– Новиот закон за бесправно изградени објекти јасно кажува дека дивоградбите во строго заштитениот појас никогаш нема да бидат легализирани. Дали се куќи, згради, деловен простор, бетонска база, плажа треба да бидат отстранети. Доколку не ги остранат сами, ќе ги отстрани општината, доколку не општината, ќе ги отстрани државата. Колку побрзо ја прифатиме реалноста дека нема поважна работа од културното и природното наследство што го има Охридскиот регион, тоа е суперлатив и императив за сите. Нема мрдање од тој план. Се надевам дека навремено секој ќе постапи онака како што треба. Законите, правилата се јасни, обврските дадени од Парламентот се јасни, важат и за Владата и за општините, ние ќе ги спроведеме до крај, рече Заев.

Министерот без ресор, Едмонд Адеми истакна дека уривање на дивоградбите е само еден сегмент од процесот на исполнување на критериумите од УНЕСКО.

– Целата слика околу УНЕСКО треба да ја гледаме во целина. Дивоградбите се можеби највидливиот дел, но огромен дел од исполнувањата по препораките и не се гледаат, а се исто така важни. Една од забелешките беше и санацијата на Колекторскиот систем чија реконструкција почна денеска. Оваа Влада ги откажа изградбата на ски-центарот на Галичица, ги откажа плановите за изградба на патиштата Требеништа – Струга и Охрид – Свети Наум. Минатата недела експерти на УНЕСКО ги разгледуваа плановите заедно со претставници на ЈП за Државни патишта, за се она што ќе се гради да биде согласно препораките на УНЕСКО, рече Адеми.

Тој уште тука го посочи и Планот за управување со Охридскиот регион, за кој моментално се разгледуваат добиените забелешки и сугестии од одржаните јавните расправи, се чека на сугестиите од УНЕСКО.

– Тоа е комплексен процес што треба пошироко да се разгледува. Дивоградбите се можеби најтешкиот проблем, но не сите дивоградби имаат негативно влијание врз околината. Токму со Студијата за влијанието врз животната средина тоа ќе се утврдува, рече Адеми.

Поврзани новости