Огромна трагедија се случи во тетовскиот КОВИД-19 центар. Експлозија предизвикала пожар. Пожарот е изгаснат, но згаснаа и многу животи. Борбата за живот трае сѐ уште, a сите служби реагираа пожртвувано и спасуваат луѓе, напиша вечерва на Фејсбук премиерот Зоран Заев за трагедијата што се случи вечерва во тетовскиот ковид-центар каде загинаа најмалку десет пациенти позитивни на корона вирус.
-Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на починатите и посакувам брзо закрепнување на повредените. Причините за пожарот ќе бидат утврдени, за што правосудните органи се веќе на терен. Ова е навистина трагичен настан и можам да ве уверам дека целиот државен врв е посветен на брзо разрешување на оваа ситуација. Во моментов трае кризниот штаб во Општина Тетово, напиша Заев.