Владата вечерва во Занаетчискиот Дом во Куманово ја одржува редовната 171 седница. Ова е трета од седниците кои се одржуваат во градовите од државата и како што најави премиерот Зоран Заев, ќе продолжат да се одржуваат еднаш месечно во десет различни региони.
– На овој начин Владата е поблиску до граѓаните, локалната самоуправа, до нивните потреби за преку практичен начин се слушнат нивните укажувања и да се одредат прироритетите во интерес на граѓаните по регионите, изјави Заев.
Тој наведе дека на седницата како гости присуствуваат градоначалникот на Општина Куманово, но и градоначалниците на Крива Паланка, Кратово, Липково, Старо Нагоричане и Ранковце.
– Сакаме од градоначалниците на овие општини најнепосредно да ги добиеме информациите од интерес на граѓаните. Од тие информации, од она што го очекуваат граѓаните од овие општини и од овој регион, да ги утврдиме нашите идни политики и одлуките за проектите кои што можат да ги реализираат општините со поддршка на централната власт како и да разговараме за тековните проекти кои што во моментов се реализираат, изјави премиерот.
Тој потсети дека на седницата и претходеа теренски активности на заменици на претседателот на Владата, министрите, заменици-министри и директори.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов извршија увид во работите на регионалниот пат Куманово-Свети Николе.
Премиерот истакна дека е исклучително важна делница која овозможува побезбедно поврзување на граѓаните од источниот со северисточниот регион.
Министерот за здравство Венко Филипче, потсети премиерот, спроведе посета на болницата, промовираше нова опрема и да ги договори идните доопремувања, а исто така оствари средба со пензионери со кои разговараше за укинување на квоти на лекови за да се добијат првични информации дали има се уште проблеми или во целина се исполнети очекувањата.