Одлуката на претстојниот референдум е надпартиска, таа е за Македонија, за влез на земјата во Европската унија и НАТО, за живот за сите во Македонија.
Ова го порача премиерот Зоран Заев на граѓанскиот собир во Велес „Излези ЗА европска Македонија.
– Сплотени сме, единствени, ова е над партиите, над Заев, над Мицкоски, над Ахмети, над кој било во државата. Ова е за Македонија, нешто за што нашиот народ мора, треба и сака да одлучи. Доволно се 27 години влечкање, доволно е шлапање во калта. Време е за Европа, за НАТО, за живот за сите во Македонија, порача Заев.
Истакна дека со Грција е направен компромис, кој, како што напомена, иако „пече и боли во градите“ е вреден затоа што ги отвора сите перспективи за Македонија. Додаде дека е признаен македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
– Направив компормис затоа што што само преку него може да одиме напред, да излеземе од мртва точка, да чекаме бенефиции, предности за сите граѓани, рече Заев за Договорот со Грција и додаде дека тој е достапен и оти сите имаат можност да го прочитаат.
Упати апел до сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност да немаат дилема во однос на сериозната одлука пред која се исправени.