Земјава наша од самостојноста ништо лесно не добила, се е со маки, за сите влади наназад зборувам, изјави денеска премиерот, Зоран Заев, во врска со очекувањата за добивање на датум за преговори. Тој додаде дека останува оптимист, а во случај Македонија да не добие датум, додаде тој, тоа не е доволна причина за да се распишат предвремени избори.
-Драмата ќе биде до последен момент, по состанокот на Министерсткиот совет (ГАК) повеќе ќе се знае. Сепак лидерите на ЕУ ќе пресечат, не нивните министри. Верувам дека одлука ќе ја донесе европскиот совет каде се лидерите на земјите членки – рече Заев.
Тој посочи дека Македонија има разбирање за потребата која ја наметнува Франција, за нова методологија. Ова, рече тој, ќе им даде фер шанса на земјите кандидати.
-Немаме проблем со такви методологии кои ќе значат реформа и во ЕУ, но не постои земја според нашите анализи последниве 20 години која чекала ваква одлука, а направила повеќе од нас. Направивме реформи и внатре во земјата и на меѓународен план, од секој можен аспект сме пример за Европа и светот – додаде Заев.
Премиерот најави дека пред почетокот на Самитот на ЕУ на 17 октомври ќе отпатува во Брисел каде ќе разговара со лидерите на ЕУ последен пат пред донесување на конечната одлука.
-Ќе ја искористам приликата да разговарам со сите премиери пред донесување на одлуката. Очекуваме од ЕУ да биде испочитуван нашит успех – посочи тој.