Пораки за обединување околу вистинските вредности и продолжување на економскиот раст испрати лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од Радовиш, во рамки на кампањата за вториот круг од локалните избори кој треба да се одржи на 31 октомври.
-Во изминатите 4 години и на централно и на локално ниво сме воделе грижа за сите аспекти за граѓаните, отворивме илјадници работни места, невработеноста е падната на 15,9 отсто, платите растат во просек и минималната и просечните во просек за над 6 300 денари, над 100 евра, комплетно економијата е раздвижена, сите крупни прашања во државата се решени, рече Заев додавајќи дека предизвикот во наредните 4 години е економија, економски стандард, работни места и опции за младите да ги бираат работните места.
Заев вели дека решавањето на проблемите со Грција и со Бугарија, Законот за јазиците и сите одлуки за реформите што се донесени досега се токму со цел да се подобри економскиот стандард. Тоа според него е европеизација дома и затоа верува дека ваквиот прогрес ќе победи односно нема да има враќање кон минатото, национализмот, поделбите .
-Многу е важно да се обединиме сите, да пружиме рака на сите, ние не сме си противници, ВМРО-ДПМНЕ е нашиот противник, а вие сите знаете што може да донесе, молк, страв, режим закани, уцени, секаков вид на терор и овие денови веќе го покажаа, тоа повеќе нема да го дозволиме, истакна Заев кој најави дека деновиве ќе објават и мнозинство во општинскиот совет.
Кандидатот на СДСМ, Коле Чакариев, во вториот круг ќе се соочи со Ацо Ристов од ВМРО-ДПМНЕ. Во првиот, Чакариев освои 3 280, Ристов 4 894 гласа, додека Конзулов собра 1 895 гласа.