Од март оваа година, до оваа моја посета денеска, имало дури пет посети на македонски и на чешки највисоки претставници на двете земји во Северна Македонија и во Република Чешка. Тоа доволно силно зборува за одличните политички односи, пријателски врски меѓу нашите две земји.
Со овие зборови се обрати Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев на почетокот на заедничката прес конференција со премиерот на Чешката Република Андреј Бабиш, во рамките на официјалната посета на македонска владина делегација на оваа земја.
Не прес конференцијата, премиерот Заев, придружуван од Бујар Османи, заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, и Зоран Попов, државен секретар при Министерството за надворешни работи, истакна дека Македонија и Чешка одбележаа 25-години од воспоставувањето дипломатски односи со постигната прогресивна економска и секторски широко распространета соработка.
„Силни се тие врски, и за двете земји се обврска за одржување и продлабочување на взаемните односи со политички дијалог на највисоко ниво. Чешка еден од најважните и постојани поддржувачи на нашата интеграција во ЕУ и НАТО. Ние високо ја цениме силната и гласната поддршка на сите нивоа“, рече на прес конференцијата претседателот на Владата Заев, и додаде дека пријателските и взаемно поддржувачки односи се силни и на мултилатерален план, и дека за нашата земја е од исклучително значење што Чешката Република, како претседавач на Вишеградската група организираше Самит на премиерите на земјите од Вишеград и од Западен Балкан.
Чешка, заедно со Австрија и Италија, беше земја лидер и иницијатор зад кои застанаа 15 земји членки на ЕУ и со писмо до Европската Комисија упатија повик за подобрување на ефикасноста на процесот на пристапување, во еден исклучително момент кога на Македонија и беше најпотребна една ваква поддршка.
„Тоа само неколку од големите пријателски гестови на Чешка кон Северна Македонија. Ние сме охрабрени со континуираните заложби да се задржи прашањето за проширување видливо и високо на агендата на ЕУ по октомврискиот совет на ЕУ. Искрено се надеваме дека овој притисок ќе даде резултати, и дека многу бргу во претстојниот период ќе пристигне одлуката за почеток на преговорите за пристапување на нашата земја во ЕУ“, потенцираше премиерот Заев на прес конференцијата со чешкиот премиер Бабиш.