Заев од Охрид: Господо од власта, прекинете со вашите црни сценарија, народот е тука

by Фокус

Овие денови власта ја фаќа паника па почна да прави валкани работи, почнаа да влегуваат во лоши сценарија. Запалија автомобил на активист на СДСМ, запалија и уште еден автомобил во Битола на активист на СДСМ, денеска запалија и трет автомобил во Велес, на активист на СДСМ, роднина на семејството на Тамара. Со овие зборови им се обрати лидерот на СДСМ, Зоран Заев на вчерашниот марш во Охрид.

– Ајде да им испратиме една порака од овде. Господа од власта, зарем не сте свесни во какво сценарио влегувате, зарем не мислите дека и утре има ден? Зарем не знаете какви сметки се плаќаат на крајот од денот за вакви валкани работи? Престанете веднаш со вашите црни сценарија заради тоа што народот е тука, нема да дозволи да се креираат било какви црни сценарија во нашата Македонија. Нека се знае јасно и гласно, никој нема право да вети и да договара амнестија за криминалците од власта. Ние ветуваме секој ден, дека тоа што се случувало во нашата земја, во Македонија, нема да дозволиме никогаш повеќе да се повтори. И притоа треба да знаат сите, се што имаат украдено, изнудено и ограбено ќе го вратат на народот и државата – истакна Заев.

Тој тврди дека под ниту една закана или уцена, опозицијата нема да попушти.

– Зарем вака со дигнати глави, сите сме по плоштади и по улици за да попуштиме? Сега попуштање нема! Само напред со кренати глави, намерата е исконска и искрена. Слободата и демократијата во нашата земја! Во име на се поголемото мнозинство на граѓаните, во име на Уставот и законите во Република Македонија, испраќаме порака до сите оние граѓани кои сè уште не се одважиле, да ја исполнат својата татковинска обврска, да застанат во одбрана на Уставот и законите и суверенитетот на Република Македонија! Да се изборат рамо до рамо со нас за слободата, демократијата и правдата во нашата земја – додаде Заев.

 

 

Поврзани новости