Заев од Бугарија: Во јуни може да ги почнеме преговорите со ЕУ

by fokus

Македонија во јуни може да ги почне преговорите со Европската унија, порача денеска премиерот Зоран Заев кој е во посета на Софија, каде оствари средба со неговиот бугарски колега Бојко Борисов.

За развојот на соработката во разни сектори, проекти во областа на инфраструктурата и транспортот, како и спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка разговараа двајцата премиери на средбата во бугарскиот главен град.

Заев по средбата истакна дека повторно ја изразил својата благодарност бидејќи Борисов и неговиот кабинет за време на претседавањето со ЕУ дале поттик за постигнување на Договорот за Грција за решавање на спорот со името.

Македонскиот премиер нагласи дека трговијата со Бугарија бележи раст по потпишувањето на Договорот за добрососедство.

Борисов изјави дека во моментов трговската размена меѓу двете земји изнесува 605 милиони евра.

Бугарскиот премиер изрази благодарност до ЕК за поддршката на интеграцијата со земјите од Западен Балкан.

Програма за соработка во областа на културата до 2021 година потпишаа денеска во Софија министрите за култура на двете земји, Асаф Адеми и Боил Банов. Во македонската владина делегација е и националниот координатор за култура, Роберт Алаѓозовски.

Пред средбата во Министерскиот совет, Адеми и Банов положија венци пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина по повод 147-годишнината од раѓањето на револуционерот.

Поврзани новости