Сe што работиме како политичари го правиме за економијата, бизнисот, трговијата, извозот и нови работни места, што на крајот претставува квалитет на живот на нашите граѓани, рече премиерот Зоран Заев пред црногорски и стопанственици од нашата земја на Бизнис-форумот во Подгорица организиран од стопанските комори на двете земји.
-Нашите очекувања се дека на почетокот на декември во Лондон на НАТО Самитот ќе имаме полноправно членство. Членството во НАТО, знаете вие во Црна Гора, а ние веќе во Северна Македонија чувствуваме носи економија и траен мир, стабилност и сигурност и безбедност, нешто што е важно за сите бизнисмени како минимум услов за развој на бизнисот. Во такви околности, како земја кандидат, со испорачана покана и 13 ратификации ние во нашата земја почнавме да ги кршиме сите економски рекорди од независноста досега – рече Заев.
Тој ги повика црногорските компании да инвестираат во земјава, бидејќи, според него, има атрактивна економска програма за поддршка на инвестициите.
-Сакам да ги поттикнам црногорските компании да инвестираат во нашата земја зашто ќе имате поддршка до 50 отсто од вкупната инвестиција, заедно со олеснувањата со ослободување од даночните обврски по многу основи. Примамливи се условите. Имаме брзи процедури за старт и правење бизнис. Тоа се многу поволни услови за бизнисмените да се насочат на правење профит, а не на администрацијата. Соработуваме и учиме од коморите за интерес на двете страни – и на бизнисот и на политиката, во интерес на граѓаните – рече премиерот.