Премиерот, Зоран Заев, вели дека поранешните претседатели на ОЈО и на Кривичниот суд се одговорни за пронајдените системи со кои се прислушувала интерната комуникација меѓу јавните обвинители и меѓу судиите во овие институции. Според досегашните информации опремата била поставена во 2016 година. Таа година претседател на Кривичниот суд беше Владимир Панчевски, а претседател на републичкото јавно обвинителство беше Марко Зврлевски.
Во врска со изјавата од ВМРО-ДПМНЕ дека тогашен министер за внатрешни работи бил Оливер Спасовски, Заев одговори:
-Знаеме кој раководел тогаш со ОЈО и судот, и тие ќе си понесат одговорност, бегање нема. Ако покаже истрагата дека тоа е со нивно знаење, а тие се тие што ги набавуваат, потпишуваат и исплаќаат ваквите централи, секој ќе си понесе одговорност. Истрагата ќе ги покаже сите детали, она што е за мене важно е да се понесе одговорност спрема секој кој се дрзнал да вгради вакви системи на следење – рече Заев.