Македонската економија е стабилна. Државата веќе обезбеди средства за првите два пакети мерки за поддршка на бизнисот, ако е потребно ќе обезбедиме и трет пакет. Мерките што се преземени се навремени. Обезбедени се и пари за покривање на дупката во Буџетот поради кризата, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев.
Државата, рече тој, има намален дел од приходот во буџетот, криза е секаде, криза е кај нас, влијае на буџетот и тој е намален.
-Обезбедивме пари за да ја покриеме таа дупка во Буџетот. Обезбедивме пари за првиот и вториот пакет мерки, еве се испорачува. Имаме капацитет да обезбедиме трет пакет на мерки. Тоа само укажува колку е стабилна македонската економија и колку се навремени мерките. Јас верувам дека Владата ќе има доволно храброст сите свои ресурси да ги впрегне за вбризгување пари преку приватната потрошувачка кој што ни е 65 проценти од БДП и јавната потрошувачка која што е 15 проценти. Тоа се 80, а 20 проценти се увоз-извоз меѓународното движење на капиталот, но приватната и јавната потрошувачка треба да бидат навистина потпомогнати и ќе видете дека ќе се развијат убави мерки за поддршка на угостителство и туризам, рече Заев на денешната прес-конференција.
Угостителството и туризмот, според Заев, ни се предност. Можеби, рече тој, ние немаме мориња, но она што угостителството и туризмот во БДП може да го имаат како учество до сега не ни е 50 отсто.
– Зборувам за пред кризата. Ајде сега да го покачиме. Да овозможиме дополнителна мотивација за ресторани, хотели, туристички објекти, туристички потенцијали, а секако да го помогнеме најзагрозениот сектор што во моментот го имаме. Така што, тоа што го зборува Мицкоски се само статитистички податоци објавени од центарот за статистика. Коректно е да ги кажеш податоците, добро е, криза има и кај нас како што има и во целиот свет. Тој зборува како ништо да не се случило во Македонија, како да нема никаква криза или слично. Тоа само по себе кажува дека пуста политика, голо политикантство, само тоа го интересира и ништо друго се заради тоа што се очекуваат избори во државата, рече Заев.