Никаде во светот не постои суд којшто избегнува, одолговлекува и не сака да утврди правда. Ете зошто сениорската група на Прибе сугерираше Поглавја 23 и 24, реформи во правосудството. Еве зошто во договорот од Пржино стои реформи во правосудството. Ова го нема никаде во светот, освен најверојатно во Северна Кореjа, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев денеска по одложувањето на рочиштето за случајот „Пуч“.
– Под изговор на класифицирани информации, судот којшто не поседува сертификат за класифицирани информации, не го доставува предметот на Специјалното јавно обвинителство. Истото Специјално јавно обвинителство коешто поседува сертификат за класифицирани информации. Тоа значи само едно, одолговлекување до бесвест за Заев, Верушевски и другите ги сликаат пред судот, борејќи се за правда во пресрет на предвремените парламентарни избори. Никаде во светот не постои суд којшто не сака да утврди правда – рече Заев.