Заев: Непочитување на Уставот е и ако не се применува новото уставно име

by fokus

Непочитување на Уставот е и ако не се применува новото уставно име на Република Северна Македонија, изјави вечерва премиерот Зоран Зоран, одговарајќи на новинарско прашање за натамошните процедури со законите кои не беа потпишани од претседателот Ѓорге Иванов.

Заев изрази верување дека службите ќе изнајдат заедничко решение со цел да се овозможи примената на усвоените закони, кои не добија потпис од шефот на државата.

Собранието во понеделникот соопшти дека Иванов не ги потпишал указите за прогласување на 11 закони. Законите кои претседателот Иванов одби да ги потпише ќе треба повторно да се најдат во собраниска процедура и ќе мора да бидат донесени со најмалку 61 пратеник, по што тој ќе има обврска да го потпише указот за нивно стапување во сила.

Од 1 април Собранието нема да заседава заради одржување на претседателските избори, но за натамошните процедури во врска со ова ќе се чека мислењето на собранискиот спипер Талат Џафери, кој е надвор од земјава заради потпишувањето на Протоколот за членство во НАТО. Не се исклучува можноста Собранието да работи и во текот на претседателските избори за да се донесат реформските закони, кои од земјава ги бара Европската унија.

-На нашата земја не и требаат блокади од субјективни или какви било други причини кои би можеле да постојат за овие прашања. Верувам дека ќе се изнајдат решенија, истакна премиерот.

Тој очекува дека до први април Собранието ќе работи, како што рече, со полна пареа.

-Кога се работи за пристапот кон ЕУ верувам дека сите пратеници на чело со претседателот Талат Џафери се на линија дека ако треба нешто да се донесе во април ќе се донесе, но очекувањата се дека има доволно време низ разговори со опозицијата и со сите други пратенички групи во Собранието да се изнајде начин за заеднички ставови пред се по овие закони,  а се надевам и за консензуално гласање за законот за Јавно обвинителство. Така што верувам дека до крајот на март имаме доволно време, истакна Заев.

Во врска со тоа кога очекува да се одржи ТВ дуелот со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, Заев истакна дека ќе се случи кога ќе се подготви медиум, а како можност ја спомна ТВ Канал 5.

-Јас сум подготвен, тука сум, освен на 19 март кога патувам за Брисел заради презентацијата на успесите на нашата земја пред Советот за стабилизација и асоцијација, но тоа е само еден ден. Кој било друг ден сум тука и верувам дека на задоволство на граѓаните ќе има дуел каков што треба да има, рече премиерот Заев.

Поврзани новости