Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека засега нема назначено ниту еден советник бидејќи Владата е избрана пред неполни два дена.
– Следува процес на консултации со луѓето и екипирање на институциите – заменици, државни секретари и паралелно се поставува и кабинетот на советници на премиерот. Немам донесено одлуки. Допрва ќе ги донесам одлуките и ќе ги соопштам, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето на една година од основањето на Агенцијата за национална безбедност.
Најави дека Деловникот за работа на Влaдата ќе биде сменет на денешната или на владината седница во четврток затоа што е воспоставен систем на прв заменик претседател на Владата и тројца вицепремиери и со него ќе се прецизираат надлежностите на вицепремиерите.
– Во тоа треба да направиме точно разграничување дека во отсуство на премиерот, првиот заменик претседател на Владата го заменува во делокругот на надлежностите, но секој од замениците претседатели на Владата е одговорен во одредена област, односно трите столбни комисии на Владата ќе ги водат токму трите потпретседатели на Владата. Комисијата за политички систем ќе ја води првиот заменик претседател на Владата, Комисијата за човечки ресурси и одржлив развој ќе ја води потпретседателот Љупчо Николовски и Комисијата за економски систем ќе ја води потпретседателот Фатмир Битиќи.