Премиерот Зоран Заев, во вечерашното обраќање пред јавноста изјави дека следните денови ќе се испитува дали може да се постигне двотретинско мнозинство за уставни измени во Собранието. Доколку нема доволно пратеници тој рече дека веднаш ќе се оди кон организирање на предвремени парламентарни избори.
Заев рече дека нема намера да поднесе оставка, туку дека ќе продолжи да работи на тоа Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО.
-Мнозинството гласови пораа дека нашиот пат и наша светла иднина се во НАТО и ЕУ. Граѓаните ја докажаа својата демократска зрелост. Одлуката не беше лесна, но мораше да биде денеска донесена. Одлучија гласовите на тие што гласаа. Благодарност и до дел од членовите на ВМРО-ДПМНЕ. И покрај бојкот што го заговараше партијата излегоа и гласаа на референдумот, нивниот глас и гласот на секој граѓанин е вградена тула во иднината на нашата Македонија – изјави тој.
Првиот човек на СДСМ рече дека на референдумот гласале повеќе од 650.000 граѓани. Според него повеќе од 90 отсто гласале „за“ и порачале дека Македонија треба да го прифати Договорот со Грција и да стане членка на НАТО и ЕУ.
-Европска Македонија доби повеќе гласови од кој било победник на кои било парламентарни избори во историјата на независна Македонија. Пример, ако имаше цензус ако имаше 1.100.000 излезени гласачи, овој резултат ќе значеше јасна одлука и јасна определба ЗА европска Македонија. Народот направи многу важен избор. Граѓаните кажаа големо ЗА. Сега кога имаме мнозинска изразена волја за европска Македонија време е пратениците во Собрание да го следат гласот на мнозинството за да ги забрзаме процесите за членство во НАТО и ЕУ. Гласот на граѓаните е јасен повик. Да не си играме со иднината на Македонија – порача тој.
Тој им се обрати на пратениците во Собранието и им порача да ги стават интересите на државата над политиката.
-Се надевам парламентот ќе се поклони на мнозинската одлука и ќе ја испочитува одлуката до крај. Ова прашање е поголемо од секој од нас. Обединување на политичките претставници е најпотребно. Пратениците со своја одлука имаат обврска да ја направат Македонија подобра земја и поубаво место за живеење. Една друга демократска алатка која преостанува се предвремени парламентарни избори веднаш. Време е да поддржиме европска Македонија и заедно да ја испишиме историјата – изјави Заев.
Сепак, додаде Заев, изборите не се најпосакуваната опција, туку неопходната.
-Да ги оставиме суетите и каприците, подобар договор со Грција не е можен и нема алтернатива за нас. Да не си играмед играчки, државата е во прашање и иднината на нашата земја. Остануваат неколку дена да направиме напори со пратениците во парламентот и да видиме дали има двотретинско мнозинство. Ако не, веднаш чекори за организирање на избори. Овие 600.000 гласови „за“ кажуваат во кој правец ќе бидат одлуките. Сериозно упатувам порака да се посветиме и да ги ставиме интересите на нашите граѓани пред политичките партии. Ако нема мнозинство во парламентот веднаш ќе се подготвуваме за распишување избори – рече Заев и додаде дека остава време од десетина дена да се утврди дали во парламентот ќе има двотретинско мнозинство.