Премиерот Зоран Заев очекува датумот за почеток на преговорите со Европската унија земјава да го добие летово. Смета дека тоа е реална опција ако извештајот на ЕК за напредокот помине во националните парламенти на државите членки. Вели дека само доколку националните парламенти на земјите членки не успеат во тоа, одлуката за добивање датум за преговори би се одложила за есен.
-Очекуваме датумот за почеток на преговори да биде даден ова лето. Јасно е дека јуни е тешко достижен, заради тоа што Бундестагот има седница меѓу 3 и 6 јуни и не верувам дека извештај што се објавува на 29 мај и треба формално-правно да се процесуира и да стигне до националните парламенти на земјите членки на ЕУ, ќе може меѓу 3 и 6 јуни да биде на седница, иако ако се направат малку поголеми напори од Германија како голем пријател тоа би било можно, изјави денеска заев одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на нов објект на ОУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром.
Ако во јуни тоа го направат, вели премиерот Заев, ние во јули би имале одлука на ГАК или на министерскиот совет, а тоа е возможно.
-Само ако не успеат националните парламенти тоа да го направат тогаш тоа би можело да се одложи за есен. Но, едно е јасно и ЕК тоа го потврди, драго ми е што тоа го направија и земјите членки, дека Преспанскиот договор плус сто отсто реформи, плус придонесот за севкупниот регион, како и чекањето 14 години во клупа како земја кандидат се наши аргументи за конечно да добиеме одлука за датум на преговори, рече Заев.
Тој нема намера да преговара со пратеници за да обезбеди двотретинско место за одземање на мандатот на поранешниот премиер и сегашен пратеник Никола Груевски, затоа што, како што рече, пратениците во овој случај треба да постапат само по Устав и закон.
– За мене не е само банално, туку и смешно да се каже дека на Груевски не му било овозможено правото да дојде и да се пријавува за оправдано отсутен. Тој може да дојде во секој момент. Јас посакувам да дојде и веројатно ќе биде добро да си дојде дома. Тоа е нашата цел, па да се пријавува и како оправдано отустен, рече Заев.