Заев: Не се приклучивме на ЕУ санкциите кон Русија зашто имаме сериозен интерес за економска соработка

by fokus

Оваа Влада се има докажано во евроатлантската определба, но пред се и над се им служи на интересите на граѓаните на оваа земја, изјави премиерот Зоран Заев, одговарајќи на прашање на пратеникот на Алијансата на Албанците и Алтернатива, Халил Снопче зошто Северна Македонија не се приклучила на економските санкции на ЕУ кон Русија.

– Од 2016 година, па досега, Република Северна Македонија се има придружено кон сите изјави, декларации, мерки и санкции усвоени од страна на ЕУ, вклучително и оние против руски државјани и правни лица. Моменталната стапка на приклучување на Република Северна Македонија кон ставовите, мерките и декларациите на ЕУ, односно усогласноста со нив, е 94 проценти, а до 2016 година била 74 проценти, истакна Заев.

Тој нагласи дека земјава, меѓу другото, се има придружено на одлуките на ЕУ за осуда на уривањето на малезискиот авион над територјата на Украина, на конфликтот меѓу Русија и Грузија, на загрозувањето на украинскиот територијален интегритет и суверенитет, на руските кибер напади врз субјекти во ЕУ и на атентите врз на рускиот опозционер Навалини и поранешниот агент Скрипал, поради што земјава дури и протера еден руски дипломат изразувајќи солидарност со Велика Британија.

– Ние сме земја кандидат за членство во ЕУ, но не сме членка. Интерес е на граѓаните и државата, ако нешто не мораме, да не го правиме. И затоа покрај сето она што го наведов, ние се немаме приклучено кон економските мерки кон Русија, затоа што имаме сериозен интерес за економска соработка со Русија. Ние сме земја членка на НАТО и за нас нема алтернатива за ЕУ, но нашата земја има интерес да биде пријател со остатокот од светот, рече Заев.

Премиерот нагласи дека нашето законодавство и политики се многу повеќе усогласени со оние на ЕУ, отколку на некои земји што веќе преговараат за членство во Унијата и Северна Македонија е пример за добрососедските односи.

Поврзани новости