Не се чувствувам виновен и убеден сум дека во судската постапка ќе се разобличи обвинението против мене, изјави премиерот, Зоран Заев, на денешното рочиште во Кривичниот суд, обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од 160.000 евра од бизнисменот Иван Николов, за легализација на градежно земјиште.
Според Заев, претходната власт во спрега со Обвинителството, МВР и преку таен агент, конструирале обвинителен акт за да го спречат со проектот „Вистината за Македонија“ и да го натераат да престане со објавување на „бомбите“.
-Во текот на судската постапка ќе се потврди дека обвинението за поткуп е бесмислено, со прегледувањето на доказите ќе се потврди дека станува збор за собирање донации за Соборниот храм во Струмица – рече Заев.
Обраќајќи му се на судот Заев додаде дека само испратил повик до бизнисмените да донираат средства за изградба на храмот.
Заев рече и дека преку снимката која не била целосно прикажана во јавноста, ќе се докаже дека тој апсолутно немал намера да прими поктуп. Го замоли судот да овозможи пристап на јавноста во сите докази кои ќе бидат приложени на рочишата. Побара и што е можно побрзо да се закажуваат судските рочишта.
Според одбраната, сведокот не му дал ниту едно евро на Заев и на неговото семејство, ниту пак дал пари за изградба на црквата. Заеви, пак, рекоа тие, донирале 50.000 евра за изградба на црквата.
На почетокот од судењето судијата Дарко Тодоровски го одби барањето на одбраната и одлучи снимките прикажани на Јутуб да бидат прифатени како доказ во постапката.
Судењето треба да продолжи на 19 и на 26 март со прегледување на доказите и ЦД-та.