Заев: Не сакаме да бидеме членки само заради членството во ЕУ, сакаме европеизација

by Fokus

Нема ниту план „Б“ ниту алтернатива за ЕУ. Самото пристапување кон ЕУ значи европеизација на Северна Македонија. Не сакаме да бидеме членки само заради членството во ЕУ. Ние сакаме да бидеме членка заради европеизацијата на земјата, која ќе се случува низ отворањата и затворањата на поглавјата и да ја донесеме Европа во Северна Македонија, вели премиерот Зоран Заев во интервју за МИА, за време на неговата посета на Брисел, каде што учествуваше на Самитот на НАТО.

Премиерот нагласува дека посакува на 22 јуни да нема вето од Софија, односно Советот за општи работи на ЕУ да донесе одлука за официјален старт на преговорите, но и ако не се постигне решение, барем да ги заокружиме дискусиите и да чекаме политичка влада во Бугарија.

-На 11 јули имаат избори. Потоа се формира влада, политичка влада, која навистина ќе ги продолжи и најде решенија конечно, тоа можеме да го направиме и во септември, октомври, декември оваа година, важно е граѓаните да ја знаат реалноста, затоа што навистина не сме далеку, ниту е проблемот нешто посебен. Јас често кажувам дека е смешен, но проблем е што нема парламент и нема политичка влада и е проблем за носење одлуки, вели премиерот.

Тој нагласува дека во рамките на тие напори до крајот на оваа недела ќе ја посети Софија. На прашање дали разговарал со американскиот претседател Џо Бајден за бугарската блокада во ЕУ, Заев вели дека за нас е значајно што САД се вклучени во овој процес.

На прашање дали тој исчекор би значел дека Софија би можела до 22 јуни да го крене ветото, Заев вели дека се надева дека барем ќе ги заокружиме разговорите со Бугарија, пред да биде формирана политичката влада.

-Исчекорот е тој. Јас го посакувам, нашиот народ го посакува, навистина, на 22 да нема вето од Софија, односно Советот за општи работи на ЕУ да донесе одлука. Но ако не постигнеме решение, исчекор мислам е да се изнајдат начините каде што дефинитивно македонскиот јазик и идентитет се надвор од разговорите и тоа го потврдува и бугарскиот претседател, да ги решиме во делот на патоказот секторската соработка помеѓу двете земји, интензитетот на состанување на комисијата и низ португалскиот предлог кој дефинитивно го штити македонскиот јазик и идентитет, што е доволна основа да исчекориме напред. Ако не успееме да го постигнеме тоа на 22 јуни, барем да ги заокружиме овие дискусии и да чекаме политичка влада во Бугарија. На 11 јули имаат избори, после тоа се формира влада, политичка влада која што навистина ќе ги продолжи и најде решенијата конечно, тоа можеме да го направиме и во септември, октомври, декември оваа година. Важно е граѓаните да ја знаат реалноста, затоа што навистина не сме далеку, ниту е проблемот нешто посебен. Јас често кажувам дека е смешен, но проблем е што нема парламент и нема политичка влада и е проблем за носење одлуки, вели Заев.

Тој вели дека нема гаранции ниту со политичка Влада, а дека наше е да направиме сѐ и треба да да направиме сѐ кога целиот демократски свет е околу нас, кога во С Македонија и Бугарија се јавија сите за да нѐ охрабрат, за да понудат решение кое, преку португалското претседателство, е нешто што ги штити интересите на двете страни.

Заев одговара одречно на прашање дали имаме план „Б“ или алтернатива за членството во ЕУ.

-Нема ниту план ‘Б’ ниту алтернатива за ЕУ. Ги слушав овие дебати ајде да влеземе во Европската економска зона, ние сме во ЕЕЗ, имаме еден отсто царина со ЕУ. Ние тргуваме како земји членки со ЕУ, ги немаме фондовите,сето тоа што ни следува кога ги отвораме поглавјата. Новата методологија вели заокружување на секој кластер на поглавја значи пристап токму до тие фондови. Ако е економија до економските, ако е здравство до здравствените, ако е екологија до еколошките. Тоа го немаме, тоа се поглавјата што треба да ги совладуваме за да ги добиеме тие фондови. Тоа е патот кон ЕУ и на крајот знаете дека самото пристапување кон ЕУ значи европеизација на Северна Македонија. Ние не сакаме да бидеме членки само заради членството во ЕУ, ние сакаме да бидеме членка заради европеизацијата на С Македонија која ќе се случува низ отворањата и затворањата на поглавјата, кога ќе ја дигнеме нашата продуктивност, кога владеењето на правото ќе биде неприкосновено како во најдобрите земји на ЕУ, каде што ќе има европско здравство, образование, европски начин на живот. Тоа е тоа, да ја донесеме Европа во Северна Македонија, нагласува премиерот.

Поврзани новости