Со Бугарија потпишавме договор за пријателство и соработка, а не за проблеми и јавни препукувања. Се договоривме дека заедничките моменти од минатото треба да нѐ спојуваат, а не да нѐ раздвојуваат, напиша премиерот, Зоран Заев, на својот фејсбук профил по дискусиите кои се отворија во бугарската и македонската јавност по последниот состанок на мешовитата комисија за историски и образовни прашања.
„Искуствата од историските комисии ширум светот и Европа покажуваат дека соработката бара време, труд, трпение, почит кон другиот и голема взаемна посветеност. Но, пред сѐ, потребна е заедничка идеја да одиме напред. Ние знаеме дека таа идеја е жива и сме покажале дека за најделикатните прашања може да се најде заеднички јазик, ако се сака. За да успееме треба заедно да зрееме. Пријателството мора да биде двострано и взаемно“, порача Заев.