Заев: Не постојат Кики и Фрики за мене, нема да коментирам псевдоними

by fokus

Премиерот, Зоран Заев, одби да коментира дали функционерите на СДСМ, кои се наводно вмешани во аферата „Рекет“, биле на вчерашната седница на Централниот одбор. Заев рече дека се додека новинарите не ги употребат вистинските имиња на овие функционери, тој нема да се впушти во коментар.

-Се додека не ги соопштите со име и презиме јавно, Кики и Фрики за мене не постојат. Разбирам дека истражувачкото новинарство е креативно, но и дека е потребна храброст. Сепак, секој си носи одговорност за тоа. Апелирам за истражувачко новинарство, само така ќе можеме да ја потсредиме државата. Како човек добро информиран во државава сметам дека шпекулациите само ги нарушуваат честа и угледот. Нема да дозволам да коментирам псевдоними – рече Заев.

Зборувајќи на прес конференцијата денеска во Влада, за новиот предлог закон за јавно обвинителство, кој ќе го достави до Собрание, Заев рече дека пречката Катица Јанева во преговорите со ВМРО-ДПМНЕ е надмината.

-Очекувам двотретинско мнозинство во Собранието, имам основана причина да го очекувам тоа. Скоро сите барања на опозицијата се овозможени, нема Катица Јанева повеќе, таа даде оставка и треба да се избере иднината на СЈО. За да се избере иднина, решение беше со Мицкоски да седнеме да бараме нов шеф на тоа ново обвинителство и тоа го решивме, го тргнавме и тоа прашање. Ги отстранивме сите пречки, сега мора да решиме дали сме за ЕУ или не – рече Заев.

Премиерот додаде дека до крајот на јули очекува да постигне политички консенсуз за ова прашање, а доколку не, тогаш двотретинско мнозинство во Собранието.

-Законот може да биде изгласан по 26ти, односно со враќање на пратениците од одмор. Не смееме во септември да влеземе без договор за ова прашање, може некој да го користи како аргумент при носењето одлука за почеток на преговори со ЕУ – посочи Заев.

Поврзани новости