Денес поднесовме иницијатива со која бараме да се гласа недоверба на влада, бидејќи Зоран Заев не го одржа зборот и не си поднесе оставка од премиерската функција, изјави предмалку Александар Николоски, пратеник и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
-Откако оваа влада ќе падне, тече рокот од 10 дена во кој претседателот на државата треба да додели мандат за формирање на влада. Тој кој ќе однесе 61 или повеќе потписи е тој што е мандатар за составување на влада, но тоа е чекор 2 и чекор 3. Чекор еден е да ја срушиме оваа влада – рече Николоски.
Тој истакна дека е уверен оти пратеникот на Алтернатива Скендер Реџепи ќе гласа за недоверба на владата, иако Реџепи денес порача дека не сака неговиот потпис да стои на ист список со Левица. Воедно, Николоски тврди дека интензивно преговараат со уште неколку пратеници, поради што тој очекува да имаат поголемо мнозинство од 61 пратеник.
-Уверени сме дека Реџепи ќе поддржи рушење на владата. Следна фаза е дали ќе направиме влада. Ќе седнеме да видиме какви ни се програмските определби и ставови, дали може да се вклопиме за нова влада или ќе одиме на избори – рече Николоски.
Тој додаде дека доколку се оди на избори тогаш треба да се формира техничка влада, додека ако се формира влада, согласно мандатот на актуелниот собраниски состав, владата ќе има мандат до 2024 година.