Заев: Не може да има неказнивост за насилство особено врз жените и девојчињата

by fokus

Нема и нема да има оправдување за домашно насилство, сексуално вознемирување, силување, присилен брак, кривични дела извршени во името на таканаречената „чест“, трговијата со жени и девојчиња. Ова го порача премиерот Зоран Заев вечерва обраќајќи се по повод одбележувањето на 25 Ноември – Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жената.

Тој потенцира дека со чувство на одговорност треба да развиваме култура која не прифаќа насилство.

-Само заеднички и со координирани активности можеме да се спротивставиме на насилството. За насилството не треба и не смее да се молчи. Како општество и држава мора да реагираме. Не може да има неказнивост за насилство особено врз жените и девојчињата, рече Заев и порача дека за насилството треба има нулта толеранција.

Заев посочи дека во земјава има усвоено законодавство против насилството на жената и за суштинска родова еднаквост во сите области, а се спроведуваат и активности за подигнување на свеста. Нагласи дека тоа е и еден од приоритетите на Владата.

Со настанот во паркот „Жена борец“ обоен во портокалово, се одбележа почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“.

 

Поврзани новости