Не е воопшто тешко заминувањето од политиката, тешка е помислата за реалноста од одлуката на наштот народ, порача Зоран Заев вечерва откако соопшти дека дава оставка од функцијата премиер и претседател на СДСМ по победата на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори.
-Јас сум убеден дека сум донел слобода и демократија во земјава, а кога е слобода и демократија правилото е дека треба да има и преземање на одговорност. Низ преземањето на таа одговорност сакам да оставам печат за да се учи народот и да расте во својот демократски капацитет, но и во својата граѓанска должност да води грижа. Може не сум во право, ќе покаже времето, но според мене, ред е граѓаните да поддржуваат политичари кои имаат храброст да носат тешки и важни историски одлуки за доброто на народот, а не за политичката фотелја, рече Заев.
Тој останува на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори и порача дека ќе остане до реорганизација на Владата.
-Јас ја преземам одговорноста за сите нас прогресивните сили и останувам на ставот дека не треба да има вонредни парламентарни избори. Претстојат одлични и неповторливи две години за работа и економски успеси за целиот наш народ и државата. Ќе останам периодов додека треба да се реорганизира нова влада со прогресивно мнозинство кое го има и постои, а може да биде и зголемено. Јас лично останувам во првите борбени редови на СДСМ и дел од нашиот прогресивен народ, рече Заев.
Премиерот и лидер во оставка во име на партијата им ја честиташе победата на политичките опоненти на овие локални избори, и искоментира дека на овие избори опозицијата покажала многу пари на терен, кои според него се значајна причина за овој резултат.
-За нас прогресивните кои веруваме и им се радуваме на овие успеси за жал дојде политичка казна. Должност ми е да искоментирам дека на овие избори беа видливи многу пари на терен кај опозицијата дојдени доминантно од надвор, а дадени заради политички, но и економски причини, а дел од големите пари ги добија од домашните бизнисмени пред се газди на градежни компании заради идни лични интереси и финансиски планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите, рече тој.
Тој изрази разочараност од мнозинството на граѓани кои гласале за да се вратат како што кажа, оние кои пред четири години убиваа.
-Сакам да споделам разочараност кај мене, а верувам и кај огромен број на граѓани затоа што мнозинството од народот кое гласаше, заедно со сите тие кои останаа дома ги избраа истите политичари кои пред само четири години во парламентот пред очите на целата јавност сакаа и тргнаа да убиваат. Некои од тие насилници се избрани и за градоначалници и советници во скопските и другите општини. На овие избори видовме дури и сојузи меѓу жртви и насилници од 27 април за власт и пари, порача Заев.
Во вториот круг од локалните избори опозицијата ја „запечати“ победата, а Заев оставката ја најави уште по првиот изборен круг кога ВМРО-ДПМНЕ освои значителен број општини.