Само се запрашувам како беше пред 2018 година, а како е сега и дали вредеше? Секако дека вредеше, истакнува поранешниот премиер Зоран Заев во разговор со дописничката на МИА од Атина веднаш по неговото обраќање на Конгресот на СИРИЗА и говори за позитивните реакции на кои наишол не само од симпатизерите и членовите на грчката партија, туку и општо, за време на неговиот неколкудневен престој во Атина.
Вели дека Договорот од Преспа им донесе добро и на Северна Македонија и на Грција, а „посебно е видливо за време на војна, која се случува на европскиот континент, колку е драгоцен договорот и истовремено ја испраќа пораката дека се решаваат дури и тешките прашања, ако двете страни навистина сакаат да постигнат мир, да постигнат соработка, да постигнат секако подобра иднина, за идните генерации кои што доаѓаат после нас“.
Со оглед на тоа дека веќе има поинакво секојдневие далеку од премиерската функција и одговорностите што ги носи, Заев коментира дали гледано од овој временски аспект, би сменил нешто во преговорите.
Истакнува дека го постигнавме она што го сакавме, „наше беше да го заштитиме нашиот македонски идентитет, македонскиот јазик и тоа го имаме“.