Имавме продуктивна и конструтивна средба за решенијата на институциите во врска со корона вирусот, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, после лидерската средба кај премиерот Оливер Спасовски.
-Најважна е заштита на здравјето на граѓаните, кое е над се останато. Тоа е и мора да биде највисок приоритет на инситуциите и партиите. Во таа насока се новите мерки за забрана на јавни собири и за обезбедување на соодветно растојание меѓу гостите во кафулињата и рестораните. Градинките и школите и понатаму нема да работат, останува еден од родителите на деца до 10 години да биде ослободен од работа, а оние што ќе бидат спречени да пријават до инспекторатот за труд – изјави Заев.
Тој посочи дека изборната кампања ќе биде целосно усогласена со препораките на Министерството за здравство и на другите надлежни институции.
-Апелирам сите граѓани и партии да не мрднеме ниту милиметар од препораките. Убеден сум дека со заедничка посветеност состојбата брзо ќе биде надмината. Ширењето на страв и паника меѓу населението е кривично дело и граѓаните да се информираат од институциите – порача Заев, нагласувајќи дека неговата партија ќе користи алтернативни начини за компензација на големите мтиизни, како обраќање преку медиумите, социјалните мрежи итн.
Лидерот на СДСМ истакна дека на лидерската средба не се разговарало за евентуалното одложување на изборите, бидејќи, како што рече, се уште е рано за тоа.