Заев: Најдоцна до утре ќе се прогласи кризната состојба

by fokus

Премиерот Зоран Заев по денешниот состанок на Советот за безбедност во вилата на Воднo, истакна дека уште вечерва, а најдоцна до утре, ќе се помине процедурата за прогласување на кризна состојба во траење на 30 дена.

Барањето за кризна состојба произлезе од денешниот состанок, а претседателот Стево Пендаровски појасни дека се оди на ваков чекор бидејќи состојбата е навистина сериозна.

-Владата и институциите се целосно подготвени на овој чекор. Сега по носењето на одлуката на Советот за безбедност се враќам во Владата и ќе дадам наредби на Управувачкиот комитет кој треба во најбрз рок да предложи до Владата прогласување кризна состојба. Најдоцна утре вечер ќе одржиме седница на Владата. Ако бидат подготетвени сите институции од формално-правен аспект ние сме подготвени верчерва или најдоцна утре вечер да прогласиме кризна состојба, рече Заев во изјава по завршувањето на седницата на Советот за безбедност.

Тој појасни дека кризната состојба овозможува подобро менаџирање на сите ресурси.

– Кризната состојба му дава управувачки дел на Центарот за управување со кризи и директорот кој го води Централниот кризен штаб, а се формираат и општински и локални кризни штабови во сите 80 единици на локална самоуправа. Со самото тоа се добиваат дополнителни надлежности за управување со сите државни и приватни ресурси во државата кои беа споменати за да се искористат сите капацитети во државата. Зошто Советот ова го предложи затоа што менаџментот на кризата, бројките насочуваат кон потреба од менаџирање на физичките капацитети во болниците и човечки преку медицинскиот персонал. Наместо како досега само во јавното здравство ќе може да се располага и со приватното здраство со една единствена цел да имаме доволно и човечки и физички капацитети, односно легла болници и слично, рече Заев.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека ова значи дека на располагање во лекувањето на заразените се ставаат и приватните болници, но и нивниот медицински кадар.

Околу прашањето дали во приватните болници, кои сега ќе се вклучат во справување со кризата во режија на државата, трошоците ќе бидат како во јавното здравство, министерот за здравство Венко Филипче рече дека е можно да се дојде во ситуација да требаат дополнителни ресурси, што значи дека во јавните здравствени установи ќе мора да се прекинат други интервенции освен итните. Тоа може да значи дека може ќе се вклучат и другите приватни ресурси, за што ќе им се компензираат трошоците до 30 проценти на приватните болници.

Ова е прв пат во Македонија да биде прогласена кризна состојба на цела територија. Претходно кризна состојба беше прогласена на регионот околу јужната и источната граница поради напливот на мигранти.

Поврзани новости