Зајакнати инспекциски контроли за да не се манипулира со лозарите при откупот на грозје за килограмите и шеќерноста, најави премиерот Зоран Заев вечерва на средба со лозарите.
Лозарите се незадоволни бидејќи наместо 15 и 17 денари како што бараат, винарите понудиле 11 и 13 денари за килограм грозје.
Според Заев, фер е винарниците да прифатат повисоки цени затоа што немаат залихи на вино.
– Продолжуваме со активностите, ќе видиме какви се цените во соседството. Ќе разговараме со винарските визби да прифатат минимални цени од 13 и 15 денари за килограм смедеревка и вранец, наместо нивните 11 и 13 денари. Ќе преговараме користејќи ги вашите аргументи. Ќе направиме се што можеме и во најскоро време ќе информираме за резултатите. Цената на грозјето мора да биде достоинствена, рече Заев.
Лозарите се согласија со заклучоците, откако претходно побараа засилени контроли од страна на инспекторите. Коментираа дека од евтино грозје се прави скап пијалак. Годината, рекоа, била тешка бидејќи поради дождовите третирале повеќе со пестициди, кои пак биле најскапи во споредба со други држави.
– Проблемот е хроничен, а со тоа што цените не се дефинирани на време, губат и лозарите и винарите, рече лозарот Диме Соколов.
Премиерот нагласи дека се добредојдени откупувачи од страна, за да се постигнат што е можно повисоки цени, но оти на крај сепак пазарот е регулатор на состојбите, а извозот е слободен.