Заев најави решавање на статусот на СЈО и реконструкција на владата

by Фокус

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека иднината на Специјалното јавно обвинителство трајно ќе се реши преку судските реформи.

– Во делот на правосудните реформи, законот за судство, законот за Судски совет и другите закони кои што се тема на преговорите, низ тие закони преку судските реформи ќе се реши трајно иднината на Специјалното јавно обвинителство – истакна Заев.

Воедно, тој додаде дека ќе има реконструкција на Владата и оти почнуваат разговори за зголемување на парламентраното мнозинство.

– Веројатно ќе разговараме со сите опозициски политички партии, освен со ВМРО-ДПМНЕ – истакна Заев, додавајќи дека евентуалните промени во ресорите ќе бидат договорени со политичките партии и пратеници што би ја прифатиле владината програма.

Според него, процесот на зголемување на парламентарното мнозинство ќе значи сериозна порака до граѓаните, стопанството и општеството дека Владата има намера да носи сериозни одлуки.

– Апсолутно ќе разговараме со сите кои имаат намера да поддржат концепт на едно општество за сите, оние кои се придржуваат до вредностите на ова владејачко мнозинство, а тоа апсолутно со Законот за јазиците е определено во кој правец ќе се движиме – посочи Заев.

Поврзани новости