Премиерот Зоран Заев денеска попладне пристигнува во дводневна посета на Брисел каде ќе се сретне со претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, комесарот Јоханес Хан и со потпретседателката на ЕК, Федерика Могерини, јави дописничката на МИА од Брисел.
Заев со Јункер ќе разговара за последниот извештај на Европската Комисија за Северна Македонија, во кој се препорачува брзо и безусловно отворање на преговорите за членство во Европската Унија. Тие ќе разговараат и за претстојната средба на министрите за надворешни работи на ЕУ, кои треба да ја донесат конечната одлука за стартот на преговорите.
Македонската страна од шефот на Европската Комисија ќе бара недвосмислена поддршка и помош за добивањето датум за преговори во јуни или јули. Владата на Северна Македонија смета дека е важно земјата да го започне процесот во најбрз можен рок, идеално заедно со Албанија, но доколку тоа е невозможно, македонската страна смета дека земјата не треба да биде заложник на групен пристап од страна на ЕУ.
Премиерот потоа ќе се сретне со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и со шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини.
Владината делегација вечер ќе учествува на прием организиран од мисијата на Северна Македонија во ЕУ со македонски иселеници вработени во европски и белгиски институции и организации.
Утре премиерот Зоран Заев ќе учествува на конференција организирана од Европската банка за реконструкција и развој, ЕБРД, посветена на реформите и европската интеграција, заедно со министерот Кочо Анѓушев.
Во владината делегација учествуваат и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, како и министрите за одбрана, Радмила Шеќеринска, за надворешни работи Никола Димитров и министерот за финансии Драган Тевдовски.