Работиме на обезбедувањето мнозинство и очекуваме дека ние ќе го добиеме мандатот да ја формираме новата Влада во Р.Македонија – рекол Зоран Заев, лидерот на СДСМ, попладнево на средба со амбасадорот на Република Франција Кристијан Тимоние.
На средбата, велат од партијата, било заеднички констатирано дека од клучна важност за стабилноста на Македонија е развој на демократските процеси во државата и рестарт на европската агенда.
Заев го информирал францускиот амбасадор за разговорите околу обезбедувањето мнозинство за формирање Влада.
Тој додал дека мнозинската волја на граѓаните е промени и евро-атлантска иднина на државата и дека платформата на СДСМ е поставена водејки се од овие цели.
– Важно е Владата да се формира брзо и да биде реформска.Темел на платформата на СДСМ се извештаите на Прибе и на Европската комисија. Граѓаните избраа квалитетен живот, правда, еднаквост и новата Влада е должна да ги спроведе неопходните реформи, и во духот на демократијата да ја врати независноста на институциите – истакнал Заев.
Заев посочил дека СДСМ е определена кон решавање на сите прашања од интерес за граѓаните преку почитување на Уставот и законите, спротивно на беззаконието и кршењето на Уставот од страна на Ѓорге Иванов и на досегашната власт, како и дека клучот за стабилност на Македонија е развој на државата во праведно и правично општество со еднакви шанси за сите.