Претседателот на СДСМ, Зоран Заев и заменик претседателката Радмила Шекеринска попладнево се сретнаа со претставници на повеќе од 120 организации, заедници, групи и синдикати од поширокиот граѓански сектор.
Тука, Заев потенцираше дека граѓанскиот сектор мора да остане гласен во критиките и беспоштедно да ја мониторира и контролира новата Влада.
Се разговараше и за натамошниот развој на настаните на политички план во процесот на демократизација на земјата.
– Извештаите на Прибе и на Европската комисија се основа на нашата Платформа за формирањето на новата Влада. Таа не е официјален документ, но она што за нас е клучно и ќе биде клучно за сите понатамошни политички чекори се потребните реформи нотирани во извештаите на Прибе и на ЕК. Тоа посебно се однесува на владеењето на правото, продолжување на мандатот на СЈО, независно судство и новинарство, департизација на сите државни институции, почитување на принципите на еднаквост на сите граѓани пропишани со Уставот и со потпишаните европските конвенции за човекови права- рече претседателот Заев.
Заев изрази очекување дека сите политички субјекти кои освоија пратеници во Парламентот, освен ВМРО-ДПМНЕ, ќе се однесуваат со почит кон јасно изразената мнозинска волја на граѓаните за промени и дека Македонија ќе добие нова одговорна Влада на граѓаните на Република Македонија.