Премиерот Зоран Заев денеска прими делегација од Европската народна партија во чиј состав беа европратениците Андреј Ковачев од Бугарија и Туне-Валдо Келам од Естонија, кои ги придружуваше амбасадорот на ЕУ во Скопје, Самуел Жбогар.
Како што информираат од Владата, европратеникот Ковачев, во име на делегацијата на Европската народна партија го информирал премиерот Заев дека нивниот престој во Република Македонија е во насока на подготовка на придонесот на ЕНП за извештајот на ЕУ за напредокот на Република Македонија во процесот на придружување кон Европската унија.
Премиерот Заев ги информирал гостите за текот на разговорите за прашањето за името на нашата земја со Република Грција, и истакнал дека денешната посета на министерот Коѕијас на нашата земја и неговата средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров, е чекор напред во овој процес и дека на претстојната средба со медијаторот Нимиц во Виена се очекуваат нови моменти во приближувањето на разликите.