Лидерот на СДСМ Зоран Заев денеска се сретна со амбасадорите на Германија, на Велика Британија, на Шведска и на Холандија, Кристине Д.Алтхаузер, Чарлс Гарет, Матс Стафансон и Ваутер Пломп.
Како што се наведува во соопштението од партијата, на средбата е изразена загриженост за кочењето на демократските процеси во земјата, по изборите на 11 декември.
-Ѓорге Иванов предизвикува уставна криза и остава простор на Никола Груевски за провокации и насилство со цел да спречи мирен трансфер на власта што ја изгуби. Неопходно е Иванов веднаш да го даде мандатот за формирање нова Влада во Македонија, во интерес на граѓаните и на државата – рекол Заев на средбата.
Според него, нови избори би значеле само продлабочување на кризата.
-Ние сме определени кон унитарна Република Македонија, тоа е поддржано и од партиите со кои го обезбедивме парламентарното мнозинство. Ја имаме веќе основата на новата владина програма за што ќе се разговара во процесот на формирање Влада, таа е поставена на реформи, нови работни места, квалитетно здравство, образование, правда, враќање на парите кон граѓаните и евро-атлантски развој на Македонија преку заедништво, а не поделби – посочи Заев.