Заев: На патот од независноста до денес, наша одговорност беше да го зачуваме македонскиот идентитет

by Fokus

Историската одлука што на 8 септември 1991 година, граѓаните на тогашна Република Македонија ја донесоа глaсајќи за независност и за суверенитет беше храбро и одлучно соочување со историските околности во тој период и израз на силна верба во перспективата за нов почеток, за подобар живот и за подобра иднина во независна, во своја држава, порача денеска премиерот Зоран Заев во обраќањето на свечената седница по повод 30 годишнината од независноста на земјата.

-На патот од независноста до денеска, наша одговорност и света должност беше и да го зачуваме македонскиот идентитет. Не само што го зачувавме, туку и го потврдивме и зајакнавме. Засекогаш, Македонците и македонскиот јазик се впишани во ризницата на светските народи и јазици и никој повеќе нема дилеми. Никој повеќе не го оспорува тоа, Референдумот за независност, додаде, недвосмислено ја одреди нашата иднина со 95 процентно “Да“ од излезените граѓани, кои во огромен број од 72 проценти од гласачкото тело, се појавија на гласачките места. Тогаш кога застанаа заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и го сочуваа мирот во земјата и заедно ја прогласија за самостојна својата држава, рече тој.

Заев потсети дека тогаш е создадена нашата армија, монетарната самостојност и воведувањето државна валута, меѓународното признавање на државата, решавањето на внатрешниот конфликт, реализацијата на стратешките определби за членство во НАТО и ЕУ.

Следуваа и соочувањата со политичките кризи кои добија дури и драматични изрази и закани по институционалниот систем и уставното уредување, градењето на демократијата, обновувањето на демократијата и враќањето на слободата, и многу други општествени ангажмани на многу граѓани на Северна Македонија. Сето тоа беа тестови на зрелоста. Дел од нив ги положија генерациите пред нас. Дел од нив ги положивме ние, рече премиерот Заев.

Додаде дека засекогаш ќе се паметат и ќе им се оддава почит на сите државници и членови на владите кои денес не се меѓу нас и кои се вградија во остварувањето на независноста и во градењето на нашата држава според современите демократски вредности.

Според него, Денот на независноста, 8 Септември, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ги утврдиме нашите стратешки патокази и да трасираме пат за демократски развој, исполнет со меѓусебно разбирање, благосостојба и просперитет. Важни, стратешки патокази на тој пат беа НАТО и Европската Унија.

-Денес Република Северна Македонија својата независност ја потврдува во најмоќниот воено-безбедносен Сојуз – НАТО, и како кандидат за членство и во најсилната економска заедница на светот – Европската Унија. Ја кренавме Република Северна Македонија како отворена, праведна, стабилна, земја на можности на неколку цврсти столбови. На столбовите за правна држава и владеењето на правото, на столбот за Економски раст, на столбот општество и институции како сервис за граѓаните, на столбот Едно општество за сите. Го зедовме најдоброто наследство од минатото и создаваме држава со сосема извесна европска иднина. Иднина за Северна Македонија со повеќе надеж, благосостојба и просперитет за сите нејзини граѓани ослободени од стравовите и предрасудите на минатото. Тоа е нашиот придонес за генерациите после нас. Затоа ние секогаш ќе бидеме во предност пред било кој што би се обидел да го дели народот, да ги закрвува браќата и другарите меѓу себе, да сее омраза и раздор. Затоа што ние сме за сплотеност и унитарност, за просперитет и иднина. Ние градиме општество каде сите се еднакви и исто вредат, нагласи во обраќањето Заев.

 

 

 

 

Поврзани новости