Не може да постои само принципот на посилниот, туку почит и компромис. Оваа порака беше една од клучните во обраќањето на поранешниот премиер Зоран заев на конгресот на Сириза во Атина. Тој беше специјален гостин на конгресот.
-Јас и Алексис бевме решени да направиме огромен заеднички чекор кој ќе работи за иднината на нашите земји, нашите граѓани, целиот регион и Европа. На крајот, бевме решени да ги жртвуваме нашите политички кариери во име на иднината на пријателството, мирот и стабилноста, рече Заев.
Во своето обраќање Заев се осврна на војната во Украина, нарекувајќи ја интервенцијата „руска агресија“ и повика на мирно решение.
-Неодамнешниот пресврт на настаните во Украина предизвикан од руската агресија покрена силни ризици, загрижености и стравови. Единственото решение е мирот. Итен дијалог наместо насилство. Затоа, целосно ги поддржувам независноста и територијалниот интегритет на Украина и изразувам сочувство со украинското раководство и со семејствата на жртвите. Потребен е итен мир со итно дипломатско решение кое ќе ги почитува принципите на меѓународното право, насочено да ги брани заедничките вредности, човековите права и заштитата на основните слободи, порача тој.
Според него, идеите на левицата мора да се промовираат, гласно да се зборуваат и да се артикулираат.
-И ние треба да преземеме активности според нашите идеи. Имаме добри шанси. Ја предизвикувам тезата дека Европа е или ќе биде предводена од екстремната десница. Има многу земји како Грција и Северна Македонија кои го покажаа спротивното, додаде Заев.