Заев на конференција „Жени во индустријата“: Кога жените губат – сите губиме

by fokus

Премиерот Заев на меѓународна конференција „Жени во индустрија“: Економски силни девојки и жени полесно ќе го остваруваат нивното природно право да бидат еднакви во изборот на работни места и да бидат на раководни позиции

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев денеска се обрати на отворањето на дводневната меѓународна конференција „Жени во индустрија: Лидерите ја унапредуваат родовата еднаквост”, организирана од страна на Инженерска Институција на Македонија и ЕВН Македонија.

„Ми претставува посебна чест што по трет пат по ред сум поканет да се обратам на оваа исклучително важна конференција.

Нејзината цел: Подигнување на свеста за важноста на родовата рамнотежа во бизнис заедницата и индустријата, идентификувајќи стратегии и програми за еднакви можности во индустријата, со потенцирање на економскиот императив за создавање родов инклузивен и одржлив раст, е во суштината на политиките за родова еднаквост на Владата на Република Северна Македонија.

Како земја членка на меѓународната заедница, нашата земја се обврза да ги спроведе потребните мерки за да ги оствари Целите за одржлив развој на Обединетите Нации до 2030 година.

Го започнувам ова мое обраќање со потсетување на овие обврски бидејќи речиси во секоја од 17-те цели за одржлив развој се спомнуваат жените и девојките. Тоа имплицира дека ниту една од овие цивилизациски и хумани цели нема да биде остварена ако не ги вклучуваат девојките и жените како суштински фактори за остварување, или како целни групи на кои се однесуваат глобалните Цели за одржлив развој.

Тоа се однесува на ставање крај на сиромаштијата, на ставање крај на гладувањето и на постигнувањето на пристап до здрава храна, на обезбедување здрав живот и благосостојба за сите, на пристап до инклузивно и еднакво квалитетно образование за секого, за родова еднаквост и за охрабрување на жените и девојките во остварувањето на нивните права, за промовирање на инклузивен и одржлив економски раст со еднакви шанси за вработување и за пристојно и еднакво платена работа за сите.

Ниту една од овие цели нема да се оствари ако не ги вклучи жените и девојките.

Јас денеска сакам да зборувам за тоа: Сите ние треба да го дадеме најдоброто од нас и нашиот придонес за остварување полната, безусловна еднаквост на жените и девојките.

Нема да запреме додека целосно не ја анулираме разликата во вредноста на трудот меѓу мажите и жените;

Нема да запреме со спроведувањето на политиките за родова еднаквост додека не обезбедиме дека девојките и жените имаат апсолутно еднакво право да напредуваат во нивните работни кариери и да бидат избирани на највисоки работни позиции.

Нема никаква причина да биде поинаку.

Намалувањето на родовиот јаз во платите, на макроекономско ниво, може да придонесе за поголем економски развој.

Кога жените губат – сите губиме.

Затоа треба да биде јасно: Економското зајакнување е одговорот на многу од прашањата со кои се соочуваат девојките и жените.

Економски силни девојки и жени полесно ќе се справуваат со сиромаштијата, со насилството и дискриминацијата, со остварување на нивното природно право да бидат еднакви во изборот на работни места и на нивното право да бидат на раководни позиции.

Да не заборавиме: Кога се залагаме и кога градиме подобар свет за жените, всушност градиме подобар свет за сите.

Овие промени треба да ги направи нашата генерација. Зошто би им го препуштиле остварувањето на овие благородни цели на некои други генерации?!?

Тоа се наши цели, и тоа треба да биде наше достигнување“, истакна Заев.

 

Поврзани новости