Премиерот Зоран Заев на 11 ноември во Софија треба да се сретне со неговиот бугарски колега Бојко Борисов, во рамки на македонско-бугарското ко-претседавање со Берлинскиот процес 2020. Дотогаш, според најавите на македонскиот државен врв, се интензивира комуникацијата меѓу двете држави на сите нивоа во духот на Договорот за соработка и добрососедство, со цел надминување на разликите во очекување на усвојување на преговарачката рамка и одржувањето на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија.
Земјава прави дипломатски напори да се најде излез од ситуацијата, по објавувањето на бугарскиот објаснувачки меморандум до земјите-членки на ЕУ, со кој меѓудругото се негираат македонскиот јазик и македонската нација и вложува во зајакнување на билатералната комуникација со Софија, истовремено потенцирајќи дека за темите кои произлегуваат од Договорот со Бугарија има јасна волја да се решаваат преку работата на мешовитата македонско-бугарска комисија.
Македонските и бугарските историчари минатата недела во Скопје по пауза од речиси една година повторно седнаа на маса, два дена разговора, а според изјавите на копретседателите на Комисијата по состанокот Драги Ѓоргиев и Ангел Димиров постигнат е мал напредок, но не и во однос на Гоце Делчев. По, средбата беше посочено дека има некои предлози и идеи, но тие побараа трпение со што помалку емоции и тензии, со најава за нова средба во Софија до крајот на годинава.
За спорот со Софија пишува и „Брисел тајмс“, потсетувајќи дека откако го реши прашањето за името со Грција, која со години го блокираше стартот на преговорите за членство на земјата, Македонија сега се соочува со уште еден спор за јазикот и историјата.
Изданието наведува дека за Европската комисија добрососедските односи и регионалната соработка остануваат суштински елементи во процесот на проширување, па затоа Брисел „ги охрабрува двете страни да ги удвојат своите напори да најдат решение за проблемите“.
-Останува на Северна Македонија и Бугарија да го решат спорот меѓусебно, бидејќи Комисијата нема да посредува во дијалогот како што го прави тоа во случајот со Србија и Косово, додава „Брисел Тајмс“.
„Брисел Тајмс“ потсетува дека Европската Комисија на почетокот на јули пред Советот на ЕУ ги презентираше предлог преговарачките рамки за Албанија и Северна Македонија, но тие не се објавени во јавноста.
-По усвојувањето на рамките од страна на Советот, ќе бидат свикани првите меѓувладини конференции со што официјално ќе започнат преговорите за членство, истакнува весникот, додавајќи оти евркомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји се надева дека тоа ќе се случи во текот на германското претседавање со ЕУ кон крајот на оваа година.