Премиерот Зоран Заев, придружуван од заменик претседателката на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска , заменик претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров денеска имаше работен ручек со амбасадорот на Република Германија во Република Македонија, Томас Герберих.
На состанокот беше разговарано за официјалната посета на премиерот Заев и владината делегација во Германија и средбата на премиерот Заев со германската канцеларка, Ангела Меркел. Потврдено е од двете страни дека станува збор за реализирани важни средби на највисоко политичко ниво од двете држави, од коишто произлезе и значајната порака за целосна поддршка од Република Германија на евро-атлантските перспективи на Република Македонија и за економскиот развој на државата.
Германскиот амбасадор на средбата порача Владата и Република Македонија како држава да ја задржат храброста и да го продолжат процесот на отпочнатите реформи и на унапредувањето на добрососедските односи што отвора перспективи за граѓаните, за младите луѓе и за економски напредок на земјата.
Премиерот Заев и на германскиот амбасадор Герберих му се заблагодари за големата политичка поддршка што ја има Република Македонија од Република Германија во развојот на демократските промени во државата и придвижувањата кон ЕУ и НАТО на принципиелен начин како добар пријател на Македонија, како и за придонесот на Германија во економијата во земјата, со оглед на тоа што Германија е меѓу најголемите инвеститори во нашата држава.
-Работиме да создадеме правна држава, стабилна и предвидлива политичка и економска клима, посветено ги спроведуваме реформите и градиме добри односи со соседите и со државите од меѓународната заедница и очекуваме овие чекори да придонесат кон историски шанси за Република Македонија оваа година во европските и НАТО интеграциите, рече премиерот Заев.